ПЛАНИНАРСКИ ПАТЕКИ
Планинарска патека с. Старо село – Планинарски дом Љуботен – Врв Љуботен
Целосно обележана патека која започнува од информативната табла поставена во с. Старо Село. Атрактивна патека со средна тежина која поминувајќи ја, посебно на делот под врвот, се отвора прекрасен поглед кон западниот дел на Шар Планина со Ливадичко Езеро, Полог, Скопје и делот на Косово од Урошевац до Штрпце.
- Карактеристични точки: с.Старо Село 900 мнв – Планинарски Дом Љуботен 1630 мнв – Врв Љуботен 2499 мнв
- Должина: 11 км.
- Времетраење: 4.30 час
- Информации: целосно маркирана планинарска патека која поминува низ шумски терен, а од домот до врв продолжува по пасишен и каменит терен. Вода има само во првиот дел од патеката.
Планинарска патека Планинарски дом Љуботен – Козја Стена – Ливадичко езеро
Целосно обележана патека. Може да се каже највозбудливата патека затоа што поминува низ три предели на планинскиот рељеф. Патека со средна тежина која тргнувајќи од домот поминува низ најголемиот камен сипарт во Македонија кој е под врвот Љуботен и покрај карактеристичната карпа, Козја Стена, оттука продолжува до самиот срт на Шар Планина кој пак се спушта на четвртото по големина од дваесет и петте шарски езера, а тоа е Ливадичко Езеро.
- Карактеристични точки: План. Дом Љуботен 1630 мнв – Козја Стена 2100 мнв – Ливадичко Езеро 2210 мнв
- Должина: 7 км.
- Времетраење: 4.00 час
- Информации: планинарска патека која поминува по пасишен и каменит терен. Вода има кај Козја Стена и изворите над Езерото.
Планинарска патека с. Беловиште – Белојшки водопад
Целосно обележана патека која започнува од информативната табла поставена во с. Беловиште. Лесна планинска патека со возбудлив крај. На крајот од патеката се доаѓа до една карпа на која внимателно треба да се спуштиме и од која целосно го гледаме големиот Белојшки водопад. Препорачлив период за движење е април и мај кога вегетацијата не е уште толку бујна, а и кога водопадот е најбогат со вода.
- Карактеристични точки: с. Беловиште 750 мнв – Белојшки Водопад 1300 мнв
- Должина: 3 км.
- Времетраење: 2.30 час
- Информации: маркирана патека која поминува низ шумски терен. Вода има во првиот дел од патеката.
Планинарска патека Ливадица
Планинарска патека која не е обележана. Започнува од излетничкото место Петачко Водиче над с. Беловиште. Од паркинг плацот на ова излетничко место се одвојува стар макадам пат кој низ шумски предел се движи по јужната падина на гребенот од Ливадица кој се спушта кон полог. Одкако ќе се излезе од шумата, се поминува низ поранешните ливадички бачила и се излегува на гребнот на ливадица кој не е стрм и води до самит врв. Врвот е доста благ а од него се отвора убав поглед на ски-центарот Брезовица. Доколку од врвот започнете малку да се спуштате во преавец кон врвот Љуботен, ќе се отвори прекрасен поглед на Ливадичко Езеро.
- Карактеристични точки: Петачко Водиче 875 мнв – врв Ливадица 2514 мнв
- Должина: 10 км.
- Времетраење: 4.30 час
- Информации: немаркирана патека која поминува низ шумски и пасишен терен. Вода има во првиот дел од патеката се до излегување на гребенот.
Планинарска патека с. Јелошник – Доброшки врв – Доброшки езера – Езерски врв
Не обележена средно-тешка патека. До с. Јелошник се стигнува по асфалтен пат. Од тука по еден час и 30 минути движење по макадам пат се пристигнува до т.н. Јелошнички Бачила од каде по сртот се стигнува до Доброшки врв. Од тука се отвора прекрасен поглед на првата половина на Шар Планина од Љуботен преку Пирибрег, Езерски врв, Чаушица и Бистрица се до Црн врв. Од врвот патеката се спушта до горното Доброшко Езеро кое помало но побогато со вода за разлика од долното езеро, па од тука за 30 минути се искачува Езерски врв кој е интересен каменит див врв опколен со крупни силикатни камења, блокови, од каде се отвора прекрасен поглед на Пирибрег и т.н. Лоша Страна во Косово со прекрасното Јажиначко Езеро и Чаушица.
- Карактеристични точки: с. Јелошник 890 мнв – Доброшки Врв 2355 мнв – Доброшки Езера 2325 – Езерски Врв 2580 мнв
- Должина: 10 км.
- Времетраење: 5.30 час
- Информации: немаркирана патека. Од с. Јелошник до крајот на шумата води макадам пат од каде по пасишен терен при голем наклон се искачува Доброшки Врв, Доброшки Езера и Езерски Врв. Вода има во делот на шумата и изворите над Доброшпките езера.
Планинарска патека Три Воде
Обележена патека која започнува од информативната табла поставена во с. Теарце која преку с. Брезно води до излетничкото место Три Воде од каде се враќа во с. Лешок. Станува збор за лесна планинарска патека. Излетничкото место е прекрасен кампинг центар за планинарите и одлична почетна точка за повеќе дестинации Бистрица, Езерски врв, Чаушица, Црн Врв, Кучбаба.
- Карактеристични точки: с.Теарце 550 мнв – с. Брезно 970 мнв – Три Воде 1340 мнв – с. Лешок 610 мнв
- Вкупна должина: 16 км.
- Времетраење: 5.00 час
- Информации: маркирана патека која води низ шумски предел, а вода има на сите карактеристични точки.
Планинарска патека с. Лешок – Тетовско Кале
Обележена планинарска патека која поминува низ повеќе шарски села. Започнува од информативната табла поставена кај Манастирскиот комплекс во село Лешок. Карактеристично за оваа патека е тоа што може да се поминува и како трекинг патека посебно во оној период од годината каде за викендите низ селата во кој пуминува можат да се видат обичаите на берба, припрема и пробување на домашните вина и ракии. Патеката завршува на познатото Тетовско Кале кое датира од 1820г.
- Карактеристични точки: с. Лешок 610 мнв – с. Варвара 815 мнв – с. Отуње 900 мнв – с. Сетоле 975 мнв – с. Ѓермо 1075 мнв – с. Лавце 805 мнв – Тетовско Кале 803 мнв.
- Вкупна должина: 14 км.
- Времетраење: 4.30 час
- Информации: маркирана планинарска патека која ги врзува сите гореспоменати села каде може да се најде вода и да имате пријатен разговор со жителите.
Планинарска патека Бистрица
Необележана планинарска патека која поминува низ третата по ред најголема речна долина на Шар Планина, по текот на р. Бистрица. Започнува од излетничкото место Три Воде. Оваа живописна планинарска патека се одвива во кањонот на Теаречка Бистрица помеѓу Чаушица и Сува Дупка, а на крајот завршува со Црн Врв. Патеката во првата третина се одвива низ шумски појас кој преку еден карпест предел излегува на пасишен терен. Така се стигнува до самите извори на р. Бистрица од каде се искачувате на гребенот на Шар Планина. Од тука може да се искачат Чаушица, Црн Врв и Бистрица.
- Карактеристични точки: Три Воде 1340 мнв. – извори на Бистрица 2320 мнв. – Бистрица 2580 мнв.
- Должина: 13 км.
- Времетраење: 4.30 час
- Информации: немаркирана планинарска патека која се одвива по шумски и пасишен терен. Вода има долж целата патека.
Планинарска патека Брезјански куле
Обележана планинарска патека која започнува од с. Варвара. Во близина на црковниот комплекс Св. Петка, има информативна табла на која се обележани повеќето планинарски патеки кои тргнуваат од ова село. Првиот дел од патеката до Брезјански Куле може да се помине од две патеки, изборот е Ваш. Останатиот дел од патеката е на пасишен терен кој завршува со краток искачување до Брезјански Куле. Од овој не толку висок врв се отвора прекрасен поглед на долината на Лешочка река и Полошката котлина од една страна, а од другата средниот тек на р. Бистрица со Чаушичкиот гребен, Езерски Врв и Доброшки Врв.
- Карактеристични точки: с. Варвара 815 мнв – Брезјански Куле 1949 мнв.
- Должина: 9.5 км.
- Времетраење: 4.00 час
- Информации: маркирана планинарска патека која се движи по шумски и пасишен терен. Вода има долж целата патека.
Планинарска патека Тетовско кале – Дупнат камен
Не обележана планинарска патека со средна тежина и атрактивен завршеток. Започнува од информативната табла поставена на Тетовското Кале се движи низ шумскиот појас над Тетово, а завршува на голема карпа која во средината има огромен отвор – Дупнат камен. Од врвот на самата карпа се отвора прекрасен поглед кон средишниот дел на Шар Планина од Црн Врв, Кобилица, Вртоп се до Караникола и планинските села Вејце, Бродец, Вешала.
- Карактеристични точки: Тетовско Кале 803 мнв – Дупнат Камен 1904 мнв
- Должина: 12 км.
- Времетраење: 4.30 час
- Информации: не маркирана планинарска патека која води низ шумски терен и освен последните 200 метри кои се по пасишен и карпест терен. Вода има на две места долж патеката.
Планинарска патека Црн Врв
Планинарска патека која започнува од с. Вејце. Не е маркирана. Спаѓа во средно-тешки тури. На почетокот, веднаш од селото, започнува стрмнина која дава чувство дека искачувањето ќе биде тешко, но сепак по кратко време се искачуваат неколку метри по што започнува движењето по гребен и пасишен терен. По 4-4.30 часа движење се пристигнува на Црн Врв, најдалечниот врв од кој Шар Планина го прекршува правецот на движење, од североисток кон југозапад.
- Карактеристични точки: с. Вејце 1065 мнв – Црн Врв 2595 мнв
- Должина: 8 км.
- Времетраење: 4.30 час
- Информации: планинарска патека која не е маркирана. Патеката е низ пасишта. Вода има на почетокот од патеката и на бачилата каде што поминува патеката.
Планинарска патека с. Бродец – Кобилица
Не обележана средно-тешка планинарска патека со почеток во село Бродец. Првата третина од патеката се поминува низ густа букова шума, втората по благите пасишта под врвот додека третиот дел од патеката е најтежок и се оди по сртот на врвот Кобилица. Атрактивноста на овој врв ја прави неговата доминантност, тежината и прекрасниот поглед од самиот врв. Кога сте на врвот Кобилица вие сте на средина на Шар Планина и не толку високо, но сепак горе. Кога ќе се поставите во позиција североисток-југозапад погледот од една страна ви е кон Црн Врв и Чаушица, а од другата кон Титов Врв и Лешничките карпи. Кога ќе се поставите во позиција југоисток – северозапад ги гледате двата најголеми града под Шар Планина, Тетово и Призрен.
- Карактеристични точки: с. Бродец 1050 мнв – Кобилица 2528 мнв
- Должина: 9 км.
- Времетраење: 4.15 час
- Информации: планинарска патека која не е маркирана. Првиот дел од патеката е низ шума, а останатиот низ пасишта. Вода има на бачилата каде што завршува шумата.
Планинарска патека с.Бродец – Вртоп – с. Вешала
Необележана планинарска патека која се движи на дел од средишниот гребен на Шара. Тргнува од с. Бродец каде првата третина од патеката се поминува низ густа букова шума, втората по благите пасишта. Се поминуваа десната страна на врвот кобилица и карпите на трескавец по шо се доаѓа на седлото т.н. Љубински Уши. Од тука се искачува врвот Шилиџе се симнуваат неколку метри и се искачува врвот Вртоп. Отука се отвора прекрасен поглед кон полошката и призренската долина. Посебно атрактивен е погледот на лешничката долина. Патеката продолжува по гребенот на Шара се до преминот „Шар“ каде што поминувал стариот пат од Тетово до Призрен. Одтука патот се симнува се до с. Вешала.
- Карактеристични точки: с. Бродец 1050 мнв – Шилиџе 2485 мнв – Вртоп 2563 мнв – с. Вешала 1245 мнв
- Вкупна должина: 22 км.
- Времетраење: 8.30 час
- Информации: планинарска патека која не е маркирана. Првиот дел од патеката е низ шума, а останатиот низ пасишта. Вода има на бачилата каде што завршува шумата и по текот на патеката во деловите под 2200 м.
Планинарска патека Попова Шапка – Јелачки Црн Врв
Обележана лесна планинарска патека. Започнува од информативната табла поставена во центарот на Попова Шапка поминува покрај разрушениот дом на Јелак и продолжува низ борова шума се до карактеристчниот врв. Оваа патека е атрактивна затоа што е блиску до Попова Шапка лесна е се одвива низ иглолисен шумски појас и завршува со мал срт кој од двете страни по малку, не е безбеден. Од самиот врв се отвора прекрасен поглед кон средишниот дел на Шар Планина од Дупнат камен, Црн Врв, Кобилица, Караникола, Скакало, Лешничките карпи се до Титов врв.
- Карактеристични точки: Попова Шапка 1700 мнв – Јелак 1850 мнв – Јелачки Црн Врв 1870 мнв
- Должина: 5 км.
- Времетраење: 2.00 час
- Информации: маркирана планинарска патека. Првиот дел води низ пасиштата над П. Шапка, а вториот низ боровата шума на Јелак. Вода има кај разрушениот дом на Јелак.
Планинарска патека Попова Шапка – Горна лешница – Лешница
Обележана, средна и најживописна патека на Шар Планина. Започнува од информативната табла поставена во центарот на Попова Шапка поминува над планинарскиот дом Јелак се до Церипашинско Бачило од каде продолжува до седлото на Плат и се симнува кон Горна Лешница. Погледот кој се доживува долж оваа патека ја прави истата да биде најживописна на Шар Планина. По искачувањето до седлото на Плат во позадина остануваат Вардиште, Јелачки Црн Врв и Кобилица додека пак од самото седло прекрасниот профил на Титов Врв и Средна Лешничка карпа, а оттука и Горна лешница со Горнолешничкиот водопад. Со симнувањето на Горна Лешница следи големиот т.н Горнолешнички кањон кој поминува помеѓу Плат (прва лешничка карпа) и Средна Лешничка карпа и на сето тоа се пристигнува на Лешница.
- Карактеристични точки: П. Шапка 1700 мнв – Горна Лешница 1780 мнв – Лешница 1450 мнв
- Должина: 14 км.
- Траење: 4.00 час
- Информации: маркирана планинарска патека по пасишен терен и шума. Вода има повеќе пати долж патеката.
Планинарска патека Попова Шапка – Титов врв
Обележана планинарска патека со средна тежина која започнува од информативната табла поставена во центарот на Попова Шапка. Патека која е предизвик за секој кој сака да ги дофати височините. Поминува по пасишни терени на Вакув, Казани обиколката околу Бакардан и самиот врв. На самиот врв на височина од 2747м. се наоѓа камена кула висока 9,30 метри и стара 55 години. Од овој врв кога времето е убаво како на дланка го имаме целиот Шарпланински масив почнувајќи од Љуботен, Пирибрег, Чаушица преку Кобилица, Караникола, Клеч, Џинибег, доминантниот Бориславец, Враца па се до врвот на Радика. Но погледот тука не запира во позадина е Кораб, Бистра и Крчин лево од нив Пелистер и Солунска глава, а во идеални временски услови се гледаат, Рила и Проклетие.
- Карактеристични точки: П. Шапка 1700 мнв – Вакуф 2000 мнв – Титов Врв 2747 мнв.
- Должина: 12 км.
- Времетраење: 4.00 час
- Информации: маркирана планинарска патека по пасишен терен. Вода има на половина од патеката на местото викано Казани.
Планинарска патека Попова Шапка – Боговинско Езеро
Обележана планинарска патека со средна тежина која започнува од информативната табла поставена во центарот на Попова Шапка, патека која движејќи се по вакуфскиот дел по малку станува и досадна но заобиколувајќи ја Голема и Мала Смрека и поминувајќија Слапска река истата си добива своја живописност, која завршува со најголемото глацијално езеро на Шар Планина, Боговињско Езеро. На височина од 1960м. и површина од 66.880 м2 пред вас се отвора најголемото огледало на Шар Планина опколено со доминантниот Бориславец од едната, Смрека од другата страна и циркот на Трапезница, Челепино и Рудока околу него.
- Карактеристични точки: П. Шапка 1700 мнв – Вакуф 2000 мнв – Боговињско Езеро 1960 мнв.
- Должина: 16 км.
- Времетраење: 5.00 час
- Информации: маркирана планинарска патека по пасишен терен. Вода има на повеќе точки каде се поминуваат малите рекички.
Планинарска патека Лешница – Караниколичко Езеро
Обележана планинарска патека со средна тежина која започнува од информативната табла поставена на Лешница. Патеката во првиот дел поминува низ букова шума на Бабаасаница и преоѓа кон текот на Скакаличка река од каде се возвишува кон Шереметница. При ова возвишување кога ќе се завртиме кон југ – југозапад ја гледаме грандиозноста на трите Лешнички карпи и на сето тоа во позадина највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв. Поминувајќи го седлото помеѓу Шереметница и Караташ и движејќи се низ една блага ледина под вас се појавува Караниколичко Езеро. На висина од 2180м и површина од 26.240м2 пред вас е третото по големина езеро на Шар Планина. Големиот Ѓољ, езеро кое независно во кој летен период ќе се посети секогаш мами со колоритетот на водата кој пак не е секогаш ист.
- Карактеристични точки: Лешница 1450 мнв – Караниколичко Езеро 2190 мнв
- Должина: 7.5 км.
- Времетраење: 3.30 час
- Информации: маркирана планинарска патека која води низ шумски и пасишен предел. Вода има на половина од патеката каде се поминува Скакаличка река и на изворите над и под езерото.
Планинарска патека Лешница – Скакаличко Езеро
Обележана планинарска патека со средна тежина која започнува од информативната табла поставена на Лешница. Патеката во првиот дел поминува низ букова шума на Бабаасаница, а кога човек ќе се заврти кон Лешница тогаш најубово ги доживува трите Лешнички карпи. Патеката преоѓа кон текот на Скакаличка река покрај Скакличкиот Водопад, кој ако се помине во пролетниот период изобилува со вода. Оттука по кратко искачување пред нас се појавува мало езерце кое плени со својата питомина. Едно од повисоко поставените езера на Шар Планина на висина од 2340 м. и во циркот на Скакало.
- Карактеристични точки: Лешница 1450мнв – Скакаличко Езеро 2340мнв
- Должина: 7 км.
- Времетраење: 3.30 час
- Информации: маркирана планинарска патека која води низ шумски и пасишен предел. Вода има постојана бидејќи се движите покрај Скакаличката река која излегува од самото езеро.
Планинарска патека Лешница – Џинибег – Кривошија
Обележана планинарска патека со средна тежина која започнува од информативната табла поставена на Лешница. Од Лешница движејќи се по обележувањето кое длабоко навлегува кон запад и по текот на Река Пена се упатуваме кон Џинибег. По текот на патот секогаш ќе бидете пресретнувани од дивокози. Движејќи се по текот на Река Пена оваа патека го заобиколува третиот Лешнички камен и се преоѓа кон Кривошија. При ова преминување не останувате рамнодушни на погледот кој се отвора пред вас, средната Лешничка карпа остро исечена, а позади нејзиниот срт штрчи Титов Врв. Спуштајќи се, пристигнувате на Кривошиско Езеро од каде по текот на Кривошиска река стигнувате до Кривошиски Водопад и го поминувате големиот кањон на оваа река помеѓу Втората и Третата Лешничка карпа.
- Карактеристични точки: Лешница 1450 мнв – област Џинибег 1980 мнв – Крившиско Езеро 2250 мнв – Кривошиски Водопад 1870 мнв – Лешница 1450 мнв
- Вкупна должина: 16 км.
- Времетраење: 7.30 час
- Информации: маркирана планинарска патека со прекрасен поглед. Вода има постојано долж патеката.
Планинарска патека Кривошиски водопад и Кади на Кривошија
Кратка, интересна и живописна патека која поминува низ тората и третата лешничка карпа. Маркирана патека, започнува од Лешница и се движи по текот на Кривошиска река. Движејќи се кон Кривошискиот водопад се движите по левиот брег на кривошиска река и помеѓу втората и третата лешничка карпа. Живописниот поглед на високите и стрмите карпи, измешаната борова и букова шума, погледот на Титов врв секого оставаат без воздишка. На симнувањето од водопадот Ви предлагаме да ги посетите т.н. кади на кривошиска река, а сепак да внимавате на лизгавите карпи околу малите водопади. Пријатна тура за уживање во убавините на Шара.
- Карактеристични точки: пат Лешница 1450 мнв – Кади на кривошиска река 1575 мнв – Кривошиски водопад 1870 мнв
- Должина: 5 км.
- Времетраење: 2.30 час
- Информации: Маркирана патека. Се одвива по шумски терен и вода има долж целата патека.
Планинарска патека Црно Езеро
Не обележена, лесна планинарска патека за која секогаш е потребен превоз со џип. Од селото Неготино продолжува макадам пат кој води до караулата Мазрача и оттука до една ледина под самиот Бориславец. Движејќи се и искачувајќи се од неговата лева страна се пристигнува на второто по големина шарско езеро и прво по длабочина. Со длабочина од 11 метри и површина од 33.520м2 на височина од 2122м пред вас се наоѓа единственото езеро на Шар Планина кое не е во тркалезна форма и кое плени со дивината на неговиот цирк со карпестиот дел на црноезерскиот рид од неговата лева страна.
- Карактеристични точки: пат Шарски води 1400 мнв – Црно Езеро 2122 мнв
- Должина: 6 км.
- Времетраење: 2.30 час
- Информации: планинарска патека која не е маркирана. Се одвива по пасишните терени на левата страна од Борислаец. Вода има околу езерото.
Планинарска патека Голема Враца
Немаркирана планинарска патека која спаѓа во тешки планинарски тури. Искачувањето на овој врв е доста атрактивно, бидејќи се искачува еден од последните високи врвои на Шар Планина и е на најјужниот дел од истата. Започнува од каптажата на р. Маздрача. Првата третина се одвива низ шумски предел од каде се излегува на самиот гребен на враца кој е пасишен и последниот дел каменит. По совладување на врвот се отвора прекрасен поглед кон запад на висорамнините Шутман, Горно и Долно Луково Поле.
- Карактеристични точки: пат Шарски води 1400 мнв – Голема Враца 2590 мнв
- Должина: 8 км.
- Времетраење: 4.30 час
- Информации: планинарска патека која не е маркирана. Се одвива по шумски и пасишен терен. Вода има во првата третина на патеката.
Планинарска патека Мала Враца
Необележана планинарска тура која започнува од патот Шарски Води кај каптажата на р. Маздрача. Атрактивна планинарска патека која се движи во подножјето на Голема Враца продолжува од нејзина десна страна, кон Врачанските Езера, се до седлото помеѓу Голема и Мала Враца каде што се наоѓа горното Врачанско Езеро. Одтука започнува најстрмиот дел од патеката, а тоа е искачувањето на Мала Враца. Овие 350 метри нависина се напорни но сепак крајот е возбудлив и карпест. Погледот од врвот е кон Шутман, Горно и Луково Поле, и поглед кон Голема Враца.
- Карактеристични точки: пат Шарски води 1400 мнв – Долно Врачанско Езеро 1995 мнв – Горно Врачанско Езеро 2203 мнв – Мала Враца 2540 мнв
- Должина: 8 км.
- Времетраење: 4.00 час
- Информации: планинарска патека која не е маркирана. Се одвива по шумски и пасишен терен. Вода има се до горното езеро.
Планинарска патека Врв на Радика
Необелешана планинарска патека која започнува од каптажата на р. Маздрача на патот Шарски Води. Започнува од подножјето на Враца, а се движи долж текот на река Маздрача. Тоа е четвртата по големина долина на Шар Планина. Патеката оди по левиот тек на р. Маздрача и поминува низ бачилата на оваа долина. Во горниоттек, патеката свртува на десно со што се искачува се до Радичките Езера, мали постојани езера кои се наоѓаат под Врвот на Радика. Од тука за 170 метра се искачува Врот на Радика. Од врвот кон запад се гледаат Горно и Долно Луково Поле и местот помеѓу нив каде извира реката Радика.
- Карактеристични точки: пат Шарски води 1400 мнв – Радички Езера 2226 мнв – Врв на Радика 2405 мнв
- Должина: 8 км.
- Времетраење: 5.00 час
- Информации: планинарска патека која не е маркирана. Се одвива по шумски и пасишен терен. Вода има се до горното езеро.
Планинарска Патека с. Дебреше – Рамен Камен (Црн Камен)
Обележана планинарска патека која од рекреативен карактер, патеката од село Дебреше до Рамен Камен претставува примарно пешачка патека, која може да се користи и за планински велосипедизам и планинско трчање, а во зимски услови и за движење со дрезги (snow shoeing) и за турно скијање (ski mountaineering). Вкупната должина на патеката изнесува 8 километри, со вкупна денивелација од 1230 метри.
- Карактеристични точки: с. Дебреше 900 мнв – Рамен Камен 1900мнв
- Должина: 8 км.
- Времетраење: 4.о0 час
- Информации: целосно маркирана планинарска патека која поминува низ шумски терен. Вода има во првиот дел од патеката.
Планинарска патека с. Долно Јеловце – Рамен Камен (Црн Камен)
Маркирана патеката од с. Долно Јеловце до Рамен Камен, како и претходната патека, претставува примарно пешачка патека, која нуди можности за поширок опсег на туристичко рекреативни и спортски активности во летни и зимски услови. Нејзината должина изнесува 7 километри, а денивелацијата е 850 метри.
- Карактеристични точки: с. Долно Јеловце 1060 мнв – Рамен Камен 1900 мнв
- Должина: 8 км.
- Времетраење: 7.о0 час
- Информации: целосно маркирана планинарска патека која поминува низ шумски терен. Вода има во првиот дел од патеката.
