Отпочнување на јавна кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк
10/09/2020Запознавање на локалното население со придобивките на Шар Планина и предлог границите на идниот национален парк
06/10/2020Во периодот од 28.08.2020 до 09.09.2020 беа организирани 4 настани во рамките на активноста „Патувачко кино“ во руралните средини во селата Камењане, Непроштено, Вешала и Вратница.
Целта на настаните беше промоција на видеото „Шар Планина – иден национален парк“ и преку неформален разговор запознавање на населението со придобивките од прогласувањето на националниот парк. На сите настани се делеше промотивен материјал (заштитни маски и торбички) и се разговараше со населението за целиот процес.
Првиот настан во село Камењане беше организиран во местото Те Душку (Te Dushku) или „Кај Дабот“.
Местото пред февруари, 2020 год. било депонија, но со голема иницијатива, ангажираност и инвестиции на локалното население и месната заедница, е претворено во многу убаво излетничко место и парк на кој многу граѓани се секојдневно присутни. На настанот беа присутни над 150 жители. Настанот беше покриен од локалната РТВ Кисс&Менада кои креираа посебен прилог (https://bit.ly/2FBHpc3) за својот дневник, но и за повеќе национални телевизии и медиуми, како Телма (https://bit.ly/32wPY0V) и други.
Гости на настанот беа и претставници од Здружението „Центар за истражувачко новинарство СКУП-МАКЕДОНИЈА”, Скопје кои го искористија настанот да направат повеќе интервјуа со луѓето директно вклучени во организација на настанот кој ќе биде дел од документарен филм за вредностите и процесот на прогласувањето на Шар Планина за национален парк.
Вториот настан во село Непроштено беше организиран во дворот на О.У. „Екрем Ќабеј” на кој присуствуваа над 100 локални жители, меѓу кој поголемиот број беа млади. На настанот се сними кратко видео од активностите и интервјуа со локални жители (https://bit.ly/3hvCjvm). На настанот се појавија 10тина локални жители кои го изразија својот став дека се против национален парк во овој регион. Истите беа повикани да се вклучат во јавните форуми и јавни расправи каде што отворено и детално ќе се дискутира за сите прашања.
На третиот настан кој се одржа во село Вешала во дворот на О.У. „Беса” кое се наоѓа во централното подрачје на селото присуствуваа 60тина жители. Иако Вешала е мало село со многу иселени жители, позитивно бевме изненадени од посетеноста на настанот и заинтересираноста на жителите. Локалното население беше позитивно расположено и заинтересирано за прогласување на Шар Планина за национален парк, но тие бараат да има поголеми инвестиции и со тоа создавање нови можности за живеење во овој предел. На присутните им беше посочено дека токму прогласувањето на националниот парк ќе отвори нови можности за локалните жители особено во поглед на развивање на рурален туризам.
На четвртиот и последен настан од серијалот „Патувачко кино“ кој се одржа во дворот на стара задруга во село Вратница присуствуваа 50тина жители. Настанот се снимаше од страна на претставник на Deutche Welle, кој претходно ги снимаше природните убавини на Шар Планина. Локалното население е заинтересирано за прогласување на Шар Планина за национален парк за конечно да престане уништувањето и узурпацијата на природата кое во овие предели се врши енормно. Тие се надеваат дека со прогласувањето на национален парк, конечно еднаш засекогаш ќе престане изградбата на нови хидроцентрали кои прават огромна штета на биолошката разновидност. Побараа да бидат вклучени во целиот процес и да знаат детално кои се придобивките, а кои се рестрикциите и загубите од овој национален парк во сите негови зони. За време на долгата дискусија со граѓаните, повеќето од нив раскажуваа за нивната долга битка од 2013-та до 2019-та година за стопирањето на изградбата на хидроцентралите на вратничката река Раќита во која биле оставени буквално сами, често и со жив штит да се борат со моќници и градежни фирми за да ја стопираат изградбата на хидроцентралите.
Следни настани кои се планираат за крајот на Септември се форуми со локално население и засегнати групи во кои ќе присуствуваат експерти на повеќе теми. На овие форуми ќе се даде одговор на сите прашања и детално ќе се информира населението за можностите во идниот национален парк.
За техниката, озвучувањето и проекцијата на филмот беа задолжени ТИФФ ОДА.
Патувачкото кино се организираше во рамки на јавната кампања за прогасување на Шар Планина за национален парк. Јавната кампања за прогасување за НП се спроведува од Центарот за едукација и развој – ЦЕД во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за животна средина на ОН – УНЕП. Пријателите на Шара се директно вклучени за имплементација на дел од активностите од јавната кампања.