Со оф роуд тура за љубители на природата – заврши јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк
17/10/202010 arsye për natyrë të ruajtur të Malit Sharr
28/10/2020Постојат многу причини зошто Шар Планина треба да биде национален парк. Во продолжение ви претставуваме десет од нив:
1. Заштита на природата
Со прогласување на Шар Планина за национален парк, ќе се заштити огромното природно богатство што го поседува оваа планина. Според научните истражувања, на Шара се регистрирани 1260 видови растенија од кои 32 се ендемични. Оваа планина има богат животински свет меѓу кои, од крупните цицачи, најатрактивни се кафеавата мечка, дивата коза, рисот и волкот. Шар Планина е трета по ред на Балканот по бројот на глацијални езера, кој изнесува 30, од кои 21 се постојани.
2. Најголемо прекугранично заштитено подрачје во Југоисточна Европа
Доколку Шар Планина стане национален парк тогаш ова подрачје ќе се надоврзе на веќе постоечкиот Национален Парк во Косово „Malet e Sharrit” којшто е формиран во 1986 година. На овој начин Шара би претставувала еден од најголемите национални паркови во Европа. Оваа целина природно се надоврзува со НП „Маврово“, а во Албанија и со паркот на природата Кораб-Коритник па заедно би се формирало едно од поголемите прекугранични заштитени подрачја во меѓународни рамки.
3. Заштита на шумите во националниот парк
Во националниот парк ќе се намалат проблемите околу неодржливото и неразумно користење на шумите. Незаштитената природа е царство за илегална сеча. Илегалните дрвосечачи неплански градат земјени патишта кои потоа ги користат за сечење на шумите. Шумите на Шар Планина во континуитет се уништуваат и неретко има појава на голи сечи на планината.
4. Заштита од поплави и ерозија
Во време на глобално затоплување и климатски промени, Македонија се соочува со последици од климатските промени како што се поплави, суши и недостаток на вода. Доколку се воспостави заштита на шумите на Шар Планина, ќе се намали ризикот од ерозија и свлекување на земјиштето а со тоа ќе се намали и ризикот од поплави.
5. Зајакнување на брендот „Шара“
Како резултат на етикетата „национален парк“, нашата Шар Планина ќе доживее регионално, национално и меѓународно признание и популарност на повеќе нивоа, но пред се во насока на зголемување на туристи.
6. Зголемен број на туристи
Заштитените подрачја негуваат посебни форми на туризам. Шара изобилува со потенцијал за развој на планински, рекреативен, рурален или природен туризам. Постоењето на национален парк ќе го зголеми бројот на посетители во регионот.
7. Поголема продажбена моќ во регионот
Заштитените подрачја секогаш имаат добра клима за формирање и одржливост на мали бизниси коишто ќе влијаат на одлуката локалното население да остане да живее и инвестира во овој крај, а ќе има и придобивка од тоа. Локалните брендови кои ќе се формираат во заштитеното подрачје ќе имаат поголема пазарна вредност.
8. Туризам
Возење велосипед, крос-кантри скијање, скијање на даска, класично скијање, прошетки по снег и планинарење по атрактивни планинарски патеки и прекрасни предели. Шар Планина има потенцијал за развој на повеќе форми на алтернативен туризам и развој на рурален туризам.
9. Единствени едукативни, спортски и културни понуди и настани
Природата е инспирација на многу уметници. Во светот во заштитените подрачја се одржуваат бројни културни и едукативни настани за деца и возрасни. Во моментов на Шара се одржуваат многу манифестации и активности коишто се култни за овој регион. Оваа планина во комбинација со културата и традицијата на локалното население може да биде постојан извор и инспирација за организирање на едукативни, културни и спортски активности коишто би привлекувале туристи од земјава и странство.
10. Мир и релаксација за секого
Желбата за мир и релаксација во склад со природата е основна потреба на секој човек. Во време на светска пандемија, заштитата на природата и отворените природни простори добиваат повеќеслојно значење за секој човек. На духот и умот им е потребен мир што само уникатната природа на Шар Планина може да го понуди.