...Тетовци одсекогаш ја вртеле главата кон Шар Планина која, кога ќе се разбудат наутро неминовно ќе ја погледнат и чија разнолика убавина и големина им ја полни душата, ги потсетува колку е убав животот и ги прави горди што се покрај неа и со неа...
Бранислав Светозаревиќ
Таа е грандиозна убавица која е создадена да восхитува, а во исто време да привлекува со грамадноста на својата маса и чудесното богатство на своите поединости.
Шар Планина припаѓа на Шарско-пидинскиот планински систем. Се протега во правец североисток-запад-југозапад, а се наоѓа во северозападниот дел на Р.Македонија. Така гордо започнува од лепенец, односно врвот Љуботен (2499м.), а завршува со врвот Морава (2147м.) поточно со горниот тек на реката Радика и Северната страна на Мавровското Езеро. Од југоисточна страна Шара остро е ограничена со Полошката котлина, додека од североисточната, северната, северозападната и југозападната страна е ограничувана од Качаничката клисура, Сириничката област, долината на Призренска Бистрица, Горската и Опољската област, Калабака и Шерупа.
Шар Планина ја карактеризира изразито широко било кое по хоризонтална проекција е со должина од 76 км., а со површина од 1600 км2. Просечна височина на гребенот е 2200 м.
За тоа каква е Шара, најубаво опишува најпасионираниот пишувач на Шар Планина, Душан Кривокапиќ во своето дело ‘‘Шар Планина - туристичко-географски приказ на пределот и народот’’,
....Кога подлабоко ќе се навлезе во Шара, се чуствува дека тоа е грандиозен сплет на опорито високо планински дивини и благи средногорски питомини во ист момент, дека е дивина која и на најискусниот планинар му ги наметнува своите закони натерувајќи промислено да ги одмерува своите чекори и дека е питомина која и на малото дете му допушта до бескрај да го искаже своето расположение како да е на некое гратско излетиште. Таква е Шар Планина....
Шар Планина – Душан Кривокапиќ, 1969 година
Таква каква што е Шар Планина за првпат месното население го привлекува поради стопанско-економски побуди. Додека пак вистинското внимание кон Шара, први го свртеле странските научници, авантуристи и планинари. За првите искачувања на Шар Планина од научен аспект сведочат повеќе записи од втората половина на 19 век. Овие први научни искачувања најчесто се изведувани од геолози и ботаничари се поради разновидноста на теренот и разновидниот растителен и животински свет кој може да се сретне на Шара. Освен за научно испитување Шара е и на мета и на војни испитувања кои се должат на геостратешката положба на планината. Првите испитувачи на Шар Планина биле Француските геолози Ами Буе и А. Викенел кои 1838 година се искачиле на Кобилица од каде преку Стружје се симнале во Призрен.
Европска Турција – Ами Буе, Виена, 1854 година
Следната 1839 година во Јули месец Гризебах со девет мештани и еден војник под водство на турски офицер преку Старо Село се искачиле на Љуботен. Истиот месец Гризебах се искачил и на Кобилица. Во средината на 19 век австрискиот научник Нојмајер со својот сопатник Бургенштајн по доста лошо време од Качаник се искачиле на Љуботен. Во 1877 година на Шара престојуваат стручњаци од Воено-географскиот институт од Виена.
Во август 1890 година Јован Жујовиќ организирал стручни екскурзии на Шара. Тој заедно со Јеврем Жујовиќ, Јован Цвијиќ и Драгутин Петровиќ преку Качаник се искачиле на Љуботен. Истата 1890 година на Кобилица се искачил ботаничарот Дерфлер, а две години подоцна во 1892 година на Кобилица се искачил и ботаничарот Ветштајн. Во септември 1898 година, Естрајх и неговиот сопатник Вигандом се искачиле на Љуботен додека во октомври истата година Естрајх сам се искачил на Кобилица. Во 1900 на Љуботен се искачил геологот Владимир Петровиќ кој по две години, во 1902 година, заедно со инспекторот од ботаничката градина од Белград, Оскар Бирбах се искачиле на Љуботен. Јован Цвијиќ и Риста Николиќ во 1910 година од Тетово преку Шар се симнале во Призрен. Во 1911 година Риста Николиќ и ботаничарот Недељко Кошанин од 19 до 27 јуни ја поминале трасата од Љуботен до Џини бег. Во август 1917 година на Кобилица недела дена престојувала група од шест германски научници, тогашни офицери на служба во Скопје, сите под водство на зоологот Франц Дофлајн.
Гласник на СГД, туристика, Шар Планина – Риста Николиќ, 1912 година
Уште и во 19 век постоело интересирање за Шар Планина. Таа завземала централно место на Балканскиот полуостров поради своите убавини, големиот број глацијални езера, оргомните пасишни терени, разновидната флора и фауна, а и поради економскиот и политички карактер. Иако интересирањето за Шар Планина како биолошко, геолошко и економско-туристички потенцијал било големо, во нашиот крај истото немало можност да се развива.
Тука се работи за една поблиска историја во која населението под Шар Планина почнува да се движи по истата, но не поради стопанско-економски или други побуди туку поради љубопитноста, желбата за откривање и бегање од секојдневието. Во периодот на 19 век постоела желба да се открива Шар Планина. Тоа било сосема невозможно. Но и во тој период се јавуваат инцидентни посети на Шара. Според кажувањата во 19 век тогашна група трговци и сточари од Тетово кои повремено била придржувана од сејмени, ги посетила врвовите Љуботен кој тогаш се сметал за највисок потоа Пирибег, Црн врв, Караникола, Мал и Голем Турчин но и други предели од Шара. Овие посети во тоа време кај населението се сметале за вистински големи подвизи и авантури па затоа се прераскажувале од колено на колено. Во Тетово, 1887 година, училиштето за калфи и чираци кое го предводел Андреја Стојанов, организирало екскурзии по Шара, се со цел за запознавање со природата и уживање во истата.
Бањиче – 1907 година
Во почетокот на 20 век на организирањето излегување во планина му се дава се поголемо значење, посебно од училиштата. Освен училиштата, голем број на групи и здруженија од Тетово го практикуваат излегувањето во природа и на планина. Се разбира овие излегувања во планина во почетокот се однесувале на пониските места околу Тетово.
Сепак планинарството, таа нова гранка во општеството како организиран облик на рекреација и физичка активност која е во идеален сооднос со природата, во Тетово потекнува од формирањето на Планинарското Друштво „Љуботен“ во 1925 година.
Формирањето на планинарското друштво „Љуботен“ во 1925 година го означува почетокот на долгиот и бесконечен пат на планинарењето и планинскиот туризам на Шар Планина. Со формирањето на ова друштво, започнуваат првите организирани движења на Шар Планина. Во почетокот тие биле на поблиските места до градот, но подоцна почнуваат и вистинските, тогаш, подвизи. Организираните посети свој замав земаат во средината на триесетите години. Во овој период започнуваат и градбите на првите планински објекти на Шар Планина. Во 1931 годна на височина од 1965 м. над буковата шума, под врвот Љуботен, се гради првиот планинарски дом на Шара, а со тоа и во Македонија.
Првиот планинарски дом во Македонија, Љуботен – 1931 година
Подоцна со откривањето на скијачките терени на Попова Шапка, во 1934 годна се гради планинарско-скијачки дом. Овој дом во периодот на 1937/38 е дограден по што капацитететот од 30 легла се зголемил на 120 легла. Во рамките на друштвото Љуботен во 1929 година се формира скијачка секција, по што во февруари 1934 година на Попова Шапка се организирани и првите скијачки натпревари. Во периодот пред втората светска војна, активностите на Шар Планина се доста значајни и интерсни, затоа што во тоа време, тие претставувале први големи чекори во новото и неоткриеното и големи чекори планинарството и планинскиот туризам, односно првите чекори во се она што сега го уживаме на Шар Планина.
Попова Шапка – 1939 година
Периодот по втората светска војна, е одбележан со втемелување на сето она што во триесетите години било зацртано. Посетите на Шара се се поголеми, се започнува со организирање на се помасовни планинарски тури. Попова Шапка започнува да се развива како планинарско-скијачки центар. Во овој период се реновираат и доградуваат разрушените планинарски домови на Љуботен и Попова Шапка, на Попова Шапка се градат првите жичарници и ски-лифтови. 1948 година се гради и единствената скијачка-скокалница во Македонија. 1947 година се организира првиот Шарпланински Куп, најстарата жива скијачка манифестација во Балканот. Се градат и други објекти долж Шара. Се градат планинарските домови на Јелак, Лешница и Три Воде и прифатните куќи на Пирибег, Црн Врв, под Титов Врв, Џинибег и симболот на планинарството во Македонија, а тоа е кулата на нависокиот врв на Шар Планина, Титов Врв 2747 м.
Лешница – 1954 година
Педесетите години се доста значајни по овие конкретни проекти кои во тоа време ги прателе чекорите на европските планински центри. Во шеесетите и седумдесетите се развиваат планининско-излетничките места Попова Шапка, Јелак, Лешница, Три Воде и Љуботен. Се отвораат макадам патишта до истите, а од тука се трасираат и маркираат планинарски патеки до одредени дестинации на Шара. Осумдесетите, започнуваат најголемите инвестиции на Попова Шапка, по што Попова Шапка станува скијачки центар број еден во регионот. Посетите на Шар Планина од домашни и странски туристи се се поголеми. Истоа така и научните посети се од големо значење, посебно оние за биодиверзитетот и ендемизмот на Шара.
Топонимите, имињата на пределите, врвовите и местата на Шар Планина во најголен дел се со словенско потекло, а во еден помал дел има и предели кои имаат и турски имиња.
Шар Планина
Најголем труд за откривање на корените за името има вложено еден од најпасионираните истражувачи на Шара, Душан Кривокапиќ. Тој има забележано дека уште и дечанскиот архимандрит Сава, вака ја има опишано овааа планина: "снежна белина, зелена трева, сивкасти камења и различни дрвја". Францускиот патеписец и истражувач Ами Буе, името го објаснува со разновидноста на планинскиот релјеф и растителанта покривка, со што го користи името Шар, а наполно ги отфрла дотогаш користените турски имиња како "Шарлаг" и "Чардаг".
Сепак името Шар Планина потекнува од поново време, поточно од 1840 година кога во пишаните документи покрај имињата "Скардус", "Монте Аргентаро" се појавуваат и домашни и турски имиња: "Шар", "Шара Планина", "Шарта", "Шарлаг" и "Чардаг".
Инаку и античките Грци и Римјани ја познавале оваа планина, пр: Полибие за Шара го споменува името "Скардос", а Ливие, "Скордие Монтис" и "Скардус".
Јован Цвииќ објаснува дека планината се до 16 век се викала "Скардус". Тоа име потоа се губи и се вика "Монте Аргентаро" со што во 19 век веќе се употребува името Шар Планина.
Според истражувањата на повеќе автори името "Шар" потекнува од името "Скард", односно латинскиот збор "Скардус".
Шар Планина – 1950 година
Легендите кои со генерации населението ги прераскажувало од колено на колено го даваат и името, Попова Шапка.
Во минатото, свештено лице, Поп, со своите придружници го посетувал регионот каде сега се наоѓа центарот Попова Шапка. Посетите биле поради тоа што се верувало дека тоа било свето место. При една таква посета, временските прилики се менуваат, доаѓа до големо невреме со силен ветер, кој ветер ја одувал шапката на Попот. Попот почнал да ја бара шапката ни неможел да ја најде, им наредил и на помошниците и тие да бараат, но поради лошите временски услови тоа небило можно. Некој од верниците извикал дека шапката е на брдото, но потоа се насмеал и рекол дека брдото му заличило на шапката од Попот. Тие заминале од тука, а местото засекогаш го добило името по поповата шапка, односно Попова Шапка.
Попова Шапка – 1955 година
Највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв името го добива на следниов начин:
Местото каде што се наоѓа врвот е во внатрешноста на масивот. Околу него се наоѓаат уште 2 врва со пониска висина и тоа Мал Турчин 2702м. и Бакардан 2700м. Најстарото име за ова место датира од многу одамна како Турчин Планина. Така го имаа наречено населението од Гостивар. Зошто? За време на владеењето на Турците, Македонското население со некои од одговорните лица на турската војска биле во добри односи, но тие односи траеле се додека законот повторно стапил на сила. Тоа траело доста кратко! Бидејќи од Гостивар многу убаво се гледа овој дел од Шара, каде временските услови брзо се менувале, населените ова место го нарекло Турчин Планина. Променливото време ги потсетувало на променливиот карактер на Турците и затоа ова место го нарекле така.
За време на и по Втората светска војна врвот го добива името Голем Турчин, а останатите два ги добиваат и сегашните имиња, т.е. Мал Турчин и Бакардан.
Така е се до 21.04.1953 година кога со оклука на Собранието на Н.Р. Македонија врвот го добива денешното име Титов Врв.
Титов Врв – 1954 година